Едукативно-рекреативна посета на Велес
На 16.10.2026 година, корисниците на Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење – Црвен крст Крива Паланка реализираа едукативно-рекреативна посета на градот Велес, исполнета со нови искуства, дружење и запознавање со културното и историското наследство на нашата земја.
Во рамки на посетата, корисниците имаа можност да ги посетат археолошкото наоѓалиште Стоби, Спомен-костурницата и храмот „Св. Кирил и Методиј“, значајни места кои сведочат за богатата историја, традиција и културно наследство на нашата земја.
Посетата на археолошкото наоѓалиште Стоби овозможи запознавање со остатоците од античкиот град и неговото историско значење, додека посетата на Спомен-костурницата потсети на важноста од зачувување на историското сеќавање и почитувањето на минатото. Воедно, посетата на храмот „Св. Кирил и Методиј“ беше можност за запознавање со духовното и културното значење на овој верски објект.
Ваквите активности имаат особено значење за корисниците на Центарот, бидејќи придонесуваат за поттикнување на активното и здраво стареење, одржување на социјалните контакти и подобрување на квалитетот на животот. Преку организирани посети, прошетки и заеднички активности, се создаваат можности за излегување од секојдневната рутина, стекнување нови знаења и доживување убави моменти во пријатна и позитивна атмосфера.
Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење – Црвен крст Крива Паланка и понатаму ќе продолжи да организира активности кои ги поттикнуваат активното учество, социјалната вклученост и достоинственото стареење, со цел секојдневието на повозрасните лица да биде исполнето со содржини, дружење и нови можности за учење и доживување.


< врати се назад










































