септември 29, 2026

Одбележан Светскиот ден на првата помош под мотото „Прва помош и миграции“

По повод Светскиот ден на првата помош, Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Крива Паланка реализираше едукативна активност на граничниот премин „Деве Баир“, во соработка со Полициската станица за граничен надзор „Деве Баир“.

Активноста се спроведе под мотото „Прва помош и миграции“, со цел подигнување на јавната свест за значењето на првата помош и унапредување на знаењата и вештините за правилно постапување во итни ситуации, особено во услови на зголемено движење на луѓе и миграции.

Во рамки на настанот беше поставен информативно-едукативен пункт, каде што на присутните граѓани им беа достапни информации за основните постапки за укажување прва помош, а беа поделени и едукативни флаери и прирачници. Обучените волонтери на Црвениот крст реализираа практични демонстрации за правилно постапување при исекотини, исцрпеност, хипотермија и надворешно крварење, како и демонстрација на срцевобелодробно оживување (CPR).

Заинтересираните лица имаа можност активно да се вклучат во практични вежби за срцевобелодробно оживување и правилно поставување завој, под насоки на обучените волонтери.

Преку оваа активност се истакна важноста од навремено и правилно укажување прва помош, како и потребата од солидарност, хуманост и подготвеност за помагање на секое лице на кое му е потребна помош, без разлика на неговото потекло или околностите во кои се наоѓа.

Црвениот крст продолжува со спроведување активности за едукација и подигање на свеста кај населението, промовирајќи ја првата помош како важна животна вештина и поттикнувајќи култура на хуманост и меѓусебна поддршка.

Tags: , , ,
< врати се назад