септември 21, 2026

Одбележана ПХВ неделата со завршен настан посветен на младите волонтери

Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Крива Паланка ја одбележа ПХВ неделата со завршен настан посветен на младите волонтери кои преку своето учество во програмата „Промоција на хумани вредности“ (ПХВ) придонесуваат за развој на хуманоста, солидарноста, волонтерството и активното учество во заедницата.

Настанот беше можност за заедничко потсетување на реализираните активности, споделување искуства и истакнување на придонесот на младите во промовирањето на хуманите вредности.

Во рамки на настанот беа прикажани видеоматеријали изработени од самите волонтери, преку кои беа претставени реализираните проекти, спроведените активности и значајните моменти од нивното учество во програмата. Преку овие содржини, младите имаа можност да ги споделат своите искуства, постигнувања и предизвици, како и да ги истакнат вредностите што ги стекнале низ процесот на волонтирање.

На сите млади волонтери им беа доделени благодарници како признание за нивниот труд, ентузијазам, идеи и несебично учество во програмата. Благодарница беше доделена и на ПХВ дисеминаторот за посветеноста, поддршката и придонесот во спроведувањето на програмските активности и мотивирањето на младите да ги препознаваат и промовираат хуманите вредности.

Настанот заврши со заедничко сечење на торта со логото на програмата „Промоција на хумани вредности“, со што симболично беше заокружен уште еден значаен дел од волонтерското искуство на младите учесници.

Преку ваквите активности, Црвениот крст продолжува да ја поттикнува младинската иницијатива, волонтерскиот ангажман и развојот на хуманите вредности, создавајќи можности младите да бидат активни носители на позитивни промени во својата заедница.

Tags: , , ,
< врати се назад